Капитенот е повторно во строј: Ќе мора да играме „луда“ одбрана, тоа ќе не однесе кон осминафинале!

89
фото: Вангел Тануровски / ОФМ

Македонската одбојкарска репрезентација денеска го одработи утринскиот тренинг во Арената Софија подготвувајќи стратегија за двата клучни натпревари утре и задутре против репрезентациите на Португалија и Израел. Позитивно за нас е враќањето на капитенот Никола Ѓоргиев, кој поради мала повреда на грбот мораше да го пропушти дуелот со Полска.

Ѓоргиев денеска одработи цел тренинг, а по истиот потенцираше дека ќе биде подготвен за утрешниот исклучително важен натпревар против Португалците.

„Работев на тренинзите, а вчера не играв на турнирот. Не сакав да ризикувам бидејќи знам дека, со мене или без мене, Полска е голем фаворит и е рангирана на првото место. Затоа беше подобро младите да добијат шанса да почувствуваат како е да се игра против Полска, која е светска сила. За нас сега е вистинското на ова Европско првенство. Пред нас е Португалија, станува збор за репрезентација со поинаков профил, која гледам дека е слична на нас: играат онаква „досадна“ одбрана, не прават многу грешки, многу префрлаат, па ние ќе мораме да одиграме многу добра одбрана. Веќе ги нема оние сервери како во првите три репрезентации, кои можат да ти донесат 7, 8 или 10 поени по ред. Значи, сега ќе бидеме фокусирани и мораме да играме „луда“ одбрана. Според мене, овие два натпревари ќе се одликуваат со долги напади и долги размени на удари. Мораме да бидеме трпеливи. Мораме да вежбаме трпение бидејќи нема да биде лесно; нема да биде 3-0 за нас, нема да биде ни 3-0 за нив“, вели капитенот Никола Ѓоргиев, кој денеска се врати на тренинг и веднаш донесе позитивен елан меѓу репрезентативците.

Натпреварот со Португалија е на програмата утре во 15 часот во Арената Софија.

ПретходноВицешампионот се откажа од АБА2!
СледноСпецијална Олимпијада: Историски успех на нашите атлети во Малта!(ФОТО)