Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се соочува со нови скандали, откако француски „Ле Монд“ денеска објави договорот за изнајмување канцелариски простор во кулата „Трамп“ во Њујорк.
Според објавените информации, ФИФА склучила договор во вредност од речиси четири милиони долари за период подолг од седум години. Канцеларијата, која се наоѓа на 17. кат и зафаќа околу 450 квадратни метри, наводно поголемиот дел од времето е празна. Договорот дополнително ги засили сомнежите за блиските односи меѓу Инфантино и американскиот претседател Доналд Трамп, чија семејна компанија управува со објектот.
Дел од поранешните функционери на ФИФА изразиле загриженост поради можен судир на интереси, особено во периодот кога САД беа еден од домаќините на Светското првенство во 2026 година. Од ФИФА ги отфрлија сомнежите за неправилности, наведувајќи дека закупнината е во согласност со пазарните услови и дека договорот е склучен според вообичаените внатрешни процедури.
Организацијата објаснува дека просторот се користи за специјални настани и средби со високи функционери. Случајот доаѓа во период кога Инфантино веќе е под лупа поради неговите односи со Трамп и претходните контроверзии околу влијанието на политиката врз фудбалот. Новите откритија повторно отворија прашања за транспарентноста и независноста на светската фудбалска организација.










