Од Шкендија (А) со ново соопштение: Обвинуваат дека Омерагиќ сакал да се пресмета поради наводни навреди кон неговиот син

372
По објавеното соопштение на Фудбалската федерација на Македонија за случувањата на денешниот првенствен натпревар меѓу Шкендија (А) и Струга ТЛ, веднаш со реакција се огласи клубот од Арачиново.
„Фудбалскиот клуб Шкендија Арачиново реагира на соопштението објавено од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), во кое, покрај едностраните обвинувања кон нашиот клуб, се користат и навредливи и неприфатливи квалификации за една институција која треба да ги претставува и рамноправно да ги третира сите клубови.
Особено загрижува фактот што самата Федерација, која повикува на почитување на достоинството и спортските вредности, користи изрази како „нецивилизирани“, „недолични“ и „спортски немоќни“ за да ги опише претставниците на еден од своите клубови членки.
Ваквиот речник е неприфатлив и не ѝ доликува на највисоката фудбалска институција во државата.
Затоа, нашата реакција е следна:
Непочитувана Федерацијо на сè друго, само не на фудбалот!
Доколку претседателот на клубот не е официјално лице, тогаш кој е?
Дали требаше да премолчиме, да наведнеме глава и да не реагираме, иако нашиот капитен беше навредуван на најпрост можен начин од главниот судија?
Шкендија не е клуб што ќе наведне глава!
Непочитувани,
Нашата спортска моќ никако не може да се измери во лига во која судиите најдиректно влијаат врз резултатите од натпреварите.
Правилата на фудбалската игра ги учиме од вас, а како најдобар пример ни служи натпреварот Македонија У21 – Русија У21.
Кога веќе зборуваме за нецивилизирано и неспортско однесување, да ве потсетиме вас и јавноста дека по натпреварот Вардар – Шкендија, претседателот на Федерацијата нè чекаше на излезот за да се пресмета со нашата управа, наводно затоа што некој му го навредувал синот.
За овој настан постојат и снимки од безбедносните камери. Објавете ги! Нека види јавноста кој како се однесува и кој навистина го нарушува достоинството на фудбалот!
И за крај, уште еден, последен апел до вас:
Политиката надвор од фудбалот!
Ве молиме, оставете нè да играме фудбал.
Ве молиме, оставете нè да ја вратиме публиката на стадионите.
Ве молиме, дозволете да победи подобриот, а не победникот да го одредува судијата.
Шкендија нема да молчи пред неправдите и нема да наведне глава!
ПретходноФФМ: Преставниците на Шкендија (А) влегле во судиската соблекувална и вулгарно ги навредувале судиите
СледноНено со 14 поени за втора победа на Арис во грчкиот шампионат