Актуелниот македонски првак не може да се пофали со подеднакво добри резултати на меѓународната сцена како во домашната Супер-лига. МЗТ Скопје зад себе има три порази во ФИБА Еврокупот, а веќе денеска ќе се обиде да стигне до првата победа. Овој пат тимот од Аеродром ќе настапи во АБА2-лигата, натпреварување во кое има високи амбиции – да се врати во јадранската елита.
Прв противник е Сутјеска, а дуелот МЗТ Скопје го игра на гостински терен, со почеток во 13 часот.
„Влеговме во серија тешки натпревари, ова ни е второ гостување во само неколку дена, но тоа нема да нè спречи да го дадеме максимумот. Против себе имаме квалитетен ривал, кој долго игра на регионалната сцена и кој ќе сака да победи пред своите навивачи. На нас е да одиграме според планот, да ги искористиме послабите страни на противникот и на крајот да се радуваме“, изјави тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов.
Лесли Варнер, пак, е убеден дека квалитетот е на страната на МЗТ Скопје и дека тимот ќе стигне до првата победа.
„Деновиве се подготвувавме за овој меч и верувам дека ако ги исполниме поставените задачи од стручниот штаб, ќе можеме да дојдеме до целта. Ритамот во кој играме е пеколен, но ќе сториме сè за да го искористиме квалитетот, кој сметам дека е на наша страна.“










