Изминатиот викенд македонскиот спорт доби нов историски момент. Младиот Стефан Тренески од Македонија на Хунгароринг ја заврши својата прва целосна сезона во FIA Формула 4 Централна Европа (F4 CEZ) — како првиот Македонец во FIA Формула натпреварите.
Тоа е најголемиот досегашен чекор на македонскиот автоспорт: цела сезона во најпрестижната и најсилна категорија на светскиот моторспорт — формула натпреварите — против елита од возачи од целиот свет, на патеки од највисоко ниво.
**Од Академија до цела сезона во Формула 4**
Во 2025 Тренески ја освои F4 CEZ Академијата и го заслужи правото да дебитира во серијата. Кон крајот на 2025 дебитираше со Janík Motorsport, а во 2026 влезе полноправно во шампионатот со чешкиот тим JMT Racing Engineering, зад воланот на болидот со број 427, Tatuus F4 T-421.
**Финале на Хунгароринг: квалификации, драма, борба до крај**
Големото финале на сезоната се возеше на легендарната Формула 1 патека Хунгароринг кај Будимпешта.
Тренески го отвори викендот со 4 место на тренинзите од 38 натпреварувачи и со тоа веднаш покажа дека има брзина и дека на последната трка од сезоната ќе биде во можност да се бори за места на подиумот на Хунгароринг. На квалификациите беше 7 ми, одлично ја започна трката, се бореше за највисок пласман , но за жал поради престрогата казна од 10 секунди на судиите ,поради минимално преклопување на предното крило при рестартот со друг натпреварувач , официјално беше класифициран 11. На финалната трка , за жал при контакт на самиот старт од друг натпреварувач му беше оштетен пневматикот и не можеше да го заврши натпреварот со одличен пласман и поени.

**Поглед кон 2027**
По завршувањето на дебитантската сезона, за Стефан веќе покажуваат интерес посилни тимови од серијата за следната сезона — знак дека неговиот развој и настапите во Формула 4 се забележани на повисоко ниво. Деталите за преговорите се во тек и ќе бидат објавени во наредниот период.
**Зошто ова е големо за Македонија**
Формула 4 е официјален FIA влез во формула пирамидата. Тренески се натпреварува во меѓународна конкуренција од возачи и тимови од целиот свет на патеки како Red Bull Ring, Slovakia Ring, Most, Brno и сега Хунгароринг — истата патека каде се вози Формула 1 Гран при на Унгарија. За мала земја без долга традиција во формула натпреварите, самата присутност и цела сезона на ова ниво се пробив што досега не постоел во македонскиот автоспорт.
Стефан Тренески е доказ дека и од Македонија, преку симулатор, Академија и чиста волја, може да се стигне на светските формула патеки.










