Мурињо по драмата во Атина: Имаме храброст и „муда“!

37

Жозе Мурињо беше исклучително задоволен од победата на Реал Мадрид од 3:2 над АЕК, до која „кралевите“ стигнаа со гол во судиското продолжение. На прес-конференцијата по натпреварот, португалскиот стратег му оддаде признание на противникот, ја објасни вербата на своите фудбалери во успехот до последниот судиски свиреж и го коментираше потенцијалното влегување на Рафа Надал во раководството на „кралскиот клуб“.

„Исклучително сум задоволен, тоа е јасно. Но, игравме против одличен тим, кој денеска го одигра својот најдобар натпревар. Ништо од она што досега го имавме видено од нив не беше ниту блиску до она што го прикажаа денеска. Јовиќ беше феноменален. Играа одлично. Сепак, ние знаевме како да се носиме со тешките моменти и издржавме“, започна тренерот.

Запрашан за способноста на Реал Мадрид повторно да ги решава натпреварите во последните секунди, по низа пресврти и доцни голови, Мурињо одговори:

„Секако дека повеќе ги сакам лесните победи. Повеќе би сакал да водиме со 3:0 на полувремето, како против Сантандер. Но, чувството кога ќе победиш во самиот финиш е фантастично. Кога победуваш на таков начин, секогаш останува впечатокот дека си имал среќа. Но, среќа е кога работите се одвиваат спротивно на она што си го покажал на теренот. Вакви натпревари, кои се решаваат во последните минути, само ние можеме да ги добиеме.

При 2:2 го внесов Еспи и заигравме со двајца напаѓачи и две крила поставени повисоко. И ние исто така… не знам како точно да се изразам, а да не бидам цензуриран, но имаме храброст и сме подготвени да ризикуваме во такви моменти“, изјави со насмевка португалскиот стратег.

Според тренерот, вербата во победа до последната секунда произлегува од самодовербата на тимот и високиот квалитет на фудбалерите.

„Ако успеваме да го правиме тоа, тогаш е затоа што сите веруваме дека сме способни. Фудбалерите имаат храброст. Секој што влегува од клупата дава огромен придонес. Имам неверојатна среќа што располагам со тим составен од фудбалери со такви квалитети“, додаде тој.

Прес-конференцијата беше одбележана и со прашање за Рафа Надал, кој се очекува да стане дел од раководството на Реал Мадрид по одобрувањето од клупските делегати. Мурињо не ја криеше гордоста од ваквиот потег на клубот.

„Секоја чест. Секоја чест за Реал Мадрид и за големиот Рафа Надал! Сметам дека тој е токму она што го претставува – огромен мадридист. Секако, за да бидеш дел од раководството на Реал Мадрид, мора да бидеш вистински мадридист. Но, покрај тоа, Рафа Надал си е Рафа Надал. Рафа Надал е Рафа Надал.

Како тренер на Реал Мадрид чувствувам огромна гордост што Рафа Надал ќе биде со нас. Навистина огромна гордост. Убеден сум дека сите мадридисти размислуваат на истиот начин. Единствено на што се надевам, иако малку на шега, е навивачите на другите клубови кои го сакаат Рафа Надал да не престанат да му симпатизираат само затоа што сега ќе го носи дресот на Реал Мадрид“, изјави португалскиот стратег.

ПретходноИН МЕМОРИАМ: Почина Гоце Јовановиќ, некогашниот прв оперативец на Балкан и Цементарница!
СледноФудбалската федерација на Португалија се збогува со Роналдо: „Ти благодараме за сè, капитену! (ВИДЕО)