Рафиња: Сакам да бидам запаметен по трофеите

47
ФОТО:facebook.com/fcbarcelona/

Рафиња изрази надеж дека ќе ја заврши кариерата во Барселона, откако официјално го продолжи договорот со каталонскиот клуб до летото 2030 година. Бразилскиот напаѓач, кој има 29 години, не ја криеше гордоста од новиот договор и истакна дека и неговото семејство е исклучително среќно поради постигнатиот договор.

„Ова е чувство на огромна гордост за мене и за моето семејство. Само ние знаеме низ што поминавме во себе. Многу сум горд на сè што постигнав, како на индивидуален, така и на колективен план. Се надевам дека ќе имам уште многу години тука. Ако нозете ми дозволуваат да продолжам да играм на високо ниво, би бил исклучително среќен да ја завршам кариерата во овој клуб. Го давам максимумот за него“, изјави крилниот напаѓач.

Бразилецот откри и каква трага сака да остави во историјата на Барселона.

„Сакам да бидам запаметен по освоените трофеи“, категоричен беше тој, нагласувајќи дека неговата амбиција е да освои што е можно повеќе одличја до истекот на договорот.

„Целта ми е да ги освојам сите можни трофеи. Засега резултатите се позитивни и се надевам дека ќе продолжиме во истиот ритам. Постои едно одличје што особено сакаме да го освоиме, а тоа е Лигата на шампионите. Правиме сè што е во наша моќ за да ја оствариме таа цел. Сакам да ги освојам сите можни трофеи до 2030 година“, додаде напаѓачот.

Рафиња го коментираше и патот до сегашната лидерска улога во тимот, откако на почетокот не успеа да ги оправда очекувањата.

„Ја променив ситуацијата со сопствените резултати. Уште од првиот ден го давав најдоброто од себе. Можеби на почетокот не ги постигнував резултатите што луѓето ги очекуваа од мене, но јас знаев за што сум способен. Кога работите не одат добро, мора да го најдеш најдобриот начин да ги промениш. Отсекогаш го правев она што го правам и сега – му го посветував животот на тимот, со максимален интензитет“, објасни тој.

Бразилецот призна дека бил изненаден од голгетерските бројки по преквалификацијата во централен напаѓач, но истакна дека направил сè што е потребно за да се приспособи на новата позиција.

„Не очекував да стигнам до ова ниво со толку многу голови. Ги менував позициите во клубот, секогаш барајќи го најдоброто за соиграчите и тренерот. Кога ми кажаа да играм како класична деветка, го дадов максимумот за да се приспособам. Знаев дека со квалитетот што го имаме во тимот можам да постигнувам голови, но бројките малку ме изненадија. Сега верувам дека можеме да одиме уште подалеку“, заврши капитенот на Барселона.

ПретходноПред 30 години падна Реал Мадрид, денеска МЗТ Скопје е тажна слика во Европа!
СледноСРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: T.A. ОСВОИ СУПЕР МИЛИОНЕР ВРЕДЕН 7.418.699 ДЕНАРИ