Во пресрет на празникот 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, ракометарите на РК Вардар 1961 го посетија Музејот на град Скопје.
Преку музејските експонати и приказните за најзначајните настани од минатото, тие имаа можност да се запознаат со историјата на градот која е цели 65 години нераскинливо врзана за нашиот Вардар, за сите успеси и порази и за сите црвено-црни спомени кои сме ги доживеале токму тука.
Во името на клубот, капитенот Васил Гогов на музејот му го подари дресот на клупската легенда Тимур Дибиров, носен на неговиот последен натпревар за РК Вардар. Веруваме дека ваков дел од вардаровата историја, кој потсетува на највисокиот дострел на клубот, а тоа е освојувањето на европскиот трон, заслужува свое место во Музејот на град Скопје.
„Упатуваме огромна благодарност до нашиот навивач Александар Узуновски – Узун, кој го подари дресот, како и на Музејот на Град Скопје за гостопримството и можноста на ваков начин, заеднички да се потсетиме на датумот кој ја симболизира слободата и да оддадеме почит на генерациите кои истата храбро ја извојувале“, соопштија од РК Вардар.










