Мато со емотивна исповед за Македонија: Мојот живот беше вистинско филмско доживување

2

Роџерс Мато не ги заборава деновите поминати во Македонија. Угандскиот фудбалер, кој настапуваше за Брера и Вардар, со посебни емоции се потсети на периодот од 2024 до 2026 година, во кој остави силен впечаток на македонските фудбалски терени.

Мато прво го носеше дресот на Брера од Струмица, а потоа се пресели во Вардар, каде што дополнително го потврди својот квалитет. Во македонскиот шампионат постигна 22 гола и забележа 10 асистенции на 59 натпревари, учинок со кој го привлече вниманието на шкотски Хартс.

Во интервју за „RG.org“, Мато откри дека Македонија му останала во посебно сеќавање и дека и денес одржува контакти со луѓето со кои соработувал.

„Мојот живот во Македонија беше вистинско филмско доживување, исполнет со многу радост. Од Брера до Вардар, од Струмица до Скопје. Навистина уживав. Брера немаше многу навивачи, но луѓето ме сакаа. Ја чувствував таа поддршка и сакав да им возвратам со напорна работа и добри настапи.

Убаво ми беше и во Скопје. Играв повеќе натпревари, постигнував голови и уживав во секој момент. Сè уште имам контакти со тренерите, раководството и менаџерите од Македонија“, раскажа Мато.

Тој по настапите во Македонија направи трансфер во Хартс, но убавите спомени од Струмица и Скопје очигледно остануваат дел од неговата фудбалска приказна.

ПретходноОчајниот МЗТ Скопје ќе го спасува српски тренер