Во последниот меч од 8.коло, во салата во Маџари, МЗТ Скопје успеа и повеќе од убедливо да слави против составот на Штип со 96:74.
По неколките лоши резултати и игри, прашање на време беше кога шампионот ќе покаже дека сепак е шампион, па така вечерва против штипјани одигра сосема добро и на крајот дојде до шестата победа во шампионатот за пласман на тоа второ место веднаш зад лидерот Работнички кој засега е максимален и перфектен.
Уште на стартот “металците“ си набилдаа сосема пристојна разлика од +13 по првата четвртина, а потоа беше се полесно. Не го намалија ритамот ни во вториот период кој го добија со +15 поени и тоа беше тоа од овој натпревар, барем за прашањето околу победникот.
Во второто полувреме јасно беше дека нема потреба да се игра во ритам, домашните како да ја намалија брзината, одиграа рутински, но сепак и тоа беше доволно за да се победи со голема разлика и тоа од 22 поени.
Во домашниот состав забележителна партија имаше Лука Стојановски со 21 поени, додека кај гостите Пал со 22 поени беше најефикасен на мечот.










