Зошто Сити повеќе не победува?

1
ФОТО:facebook.com/mancity/

На Манчестер Сити не му оди. По седумте почетни победи, кога се чинеше дека промената на клупата по една деценија ќе помине безболно, следуваше лоша серија. Најпрво три порази пред паузата, а потоа и реми против Фулам и Наполи во последните седум дена. Некои велат дека е на дело „проклетството на Мареска“ – неговите тимови секогаш функционираат според истиот принцип: фантастичен почеток, а потоа пад во доцната есен.

Не можеме така да ги гледаме работите, но овој Сити е поинаков. Иако Италијанецот се развиваше под водство на Пеп, треба да се каже дека Шпанецот е фанатик на контролата и поседот на топката, додека неговиот наследник има поинаков пристап. А тоа, според критичарите, најмногу се забележува во одбраната. Сити прими 13 гола на првите десет натпревари, што е најмногу од 2008 година, односно од времето кога Таксин Шинаватра сè уште не го продал клубот на инвеститорите од Емиратите.

Исто така, Сити не успеа да ја зачува мрежата на девет натпревари во сите натпреварувања, нешто што не му се случило на Пеп. Или, погледнете ја статистиката за противнападите. Само Њукасл, кој е препознатлив по раното напаѓање на топката и агресивниот фудбал, дозволил повеќе удари кон својот гол по противнапади.

Покрај тоа, Сити на Мареска губи многу повеќе топки отколку на почетокот на сезоната, па несигурноста се вовлече во тимот. Иако, тоа може да се објасни и со фактот дека често мора да брка резултат, како што беше случајот против Фулам, Наполи или Нотингем Форест пред паузата.

Има нешто и до структурата на тимот. Енцо Фернандез е премногу офанзивен, во фазата на посед функционира повеќе како полушпиц, па тактиката често се претвора во формација 3-1-6. Единствениот играч пред дефанзивната тројка е скапиот Елиот Андерсон, кој премногу често останува изложен.

Ако се навратиме на гостувањето кај „Шумарите“, но и на дуелот со Брајтон, се повторува сличен образец. Секое погрешно додавање од страна на стоперите го доведува тимот во проблем. Андерсон нема способност да ја чита играта како Родри, кој е играч од сосема друго класа во споредба со Англичанецот. Родри е меѓу петте најдобри играчи според бројот на одземени топки, додека Енцо е меѓу последните пет. Тоа говори дека Аргентинецот го игра она што го бара тренерот, но не го прави тоа доволно добро.

Не функционира ниту Донарума како голман кој учествува во изградбата на играта. Кога ќе ја погледнете статистиката, тој е еден од најдобрите голмани во светот, но не е профилот на голман што го бара Сити. Неговите грешки се највидливи, а ги има многу. Италијанецот е несигурен во додавањата, а кога нема неверојатни одбрани како компензација, јасно е дека проблемите се на повидок.

Во последно време ги нема ниту головите на Халанд. Не е чудно да влезе во голгетерска криза, дури и за него, но проблемот повторно се гледа во бројките. Норвежанецот има помалку контакти со топката и помалку учествува во играта. Освен во завршницата на акциите, неговото влијание врз играта е сè помало.

Нема сомнеж дека нема уште долго да биде без гол, тоа не е реално да се очекува. Но, без повредениот Семенјо, на противниците им е многу полесно да го затворат средниот ред. На крилните позиции, без фудбалерот од Африка, Сити не е толку опасен. А кога ги нема ниту додавањата низ средината, ниту нафрлувањата од крилните позиции, јасно е зошто Халанд во лошата серија има многу помалку шанси, но и допири со топката во противничкиот шеснаесетник.

Против Фулам минатиот викенд, и покрај опсежните анализи на стручниот штаб за време на двонеделната пауза, повторно се повторија голем број стари грешки. Понекогаш тоа е еден допир со топката повеќе, а понекогаш неможноста да се создаде вистинска завршница на акцијата, па се шутира од нереални позиции.

Иако Сити имаше шанси против Фулам, статистиката може да измами. По израмнувањето на Сити, гостите беа подобриот противник и создаваа поголема опасност пред голот. Донарума со неколку одбрани ја спаси ситуацијата.

Против Наполи, Сити од пораз го спаси Рајан Шерки, но барем ние немавме впечаток дека Мареска ги пронашол вистинските решенија. Пробуваше и со Буади и Нико О’Рајли, имаше повеќе играчи во завршницата, тоа е факт, но повторно се отвораше простор за противнапади.

Ако му го дозволат тоа на Арсенал за време на викендот, во големото дерби, лесно ќе загубат во северниот дел на престолнината. Во тоа немаме сомнеж.

А тоа веројатно би значело и крај на надежите за Сити, иако можеби звучи чудно. Имено, ако шампионот замине на плус девет бода, тоа е премногу. Затоа што ова не е истиот Арсенал од пред неколку години. Нема да се распадне на пролет. Сега повеќе го нема товарот што го носеше на своите плеќи – титулата е освоена, чекањето е завршено.

Пеп тешко губеше на гостувањата на „Емирати“, но да потсетиме дека во февруари 2025 година прими пет гола. Артета, по многуте удари што ги претрпе од финалето на ФА-купот во 2020 година, кога го победи својот учител во периодот на пандемијата, конечно успеа да го надмине и да стигне прв до целта.

Сепак, не можат да се повлекуваат сите паралели. Мареска вели дека во ваква ситуација неговиот тим ќе мора да биде на врвот на своите моментални можности за да остане непоразен. Ние не веруваме дека се способни за такво нешто.

ПретходноКрај на серијата од десет победи на Реал: Мурињо го прозва судијата, но и самиот себе си!