Еден од најголемите македонски таленти, Рубин Стефанов направи голем исчекор во својата кариера. Синот на легендарниот кошаркар, Врбица Стефанов е нов член на Канту.
16-годишниот репрезентативец потпиша двегодишен договор со италијанскиот тим, кој долго време беше заинтересиран за услугите на Рубин.
Големата македонска надеж беше и на листата на желби на Емпорио Армани Милано. Стефанов беше две недели на проба во Италија. Прво тренираше со Милано, а потоа одработи и неколку тренинзи со Канту.
Тестот го мина и во двата клуба, но одлуката падна на вториот тим. Во овој момент на Стефанов му е потребен клуб, кој повеќе обрнува внимание и работи со младите генерации, што пак е клучно во развојот на 16-годишниот кошаркар, а Канту засега ги исполнува сите услови.
Рубин од мали нозе е на мета на големи клубови, беше во Турција во Анадолу Ефес, од каде пак замина во Римини Крабс. Поради пандемијата на коронавирус се врати во Македонија, тренираше со тимот на Ангели.
Ова лето на дело можеше да го види и новиот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Драган Бајиќ, кој на официјалната прес-конференција испрати комплименти до младиот играч потенцијрајќи дека во него ја гледа иднината на националниот состав.
Стефанов до крајот на следната недела треба да се пресели во Италија, во Канту ќе игра со кошаркари кои се две години постари од него, клубот е подготвен да вложи многу во македонскиот бисер.
***Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со законо, како и нивното превземање без дозвола на редакцијата СПОРТМЕДИА***