Селекторот Благоја Милевски е задоволен од настапот на своите фудбалери и од првата победа како предводник на сениорската репрезентација.
„Важна ми беше победата и тоа како моите фудбалери ќе се однесуваат на терен. Ги исполнија сите задачи кои ги зададов и сум задоволен од нив.
Ова е репрезентација во создавање, направивме промени, и овој циклус е што се вели во насока на создавање на нова генерација. Дали тоа ќе вроди со плод, да ние бидеме на крајот втори во групата ќе покаже крајот на квалификациите“, вели Милевски.
На прашање што очекува од мечот со Германија во понеделник и дали сака повторно победа, нашиот селектор изјави:
„Не се навраќам на тоа што било претходно. Мечот со Германија што ни претстои ќе биде поразличен од тој во Дуизбург на кој победивме, затоа што тие имаат нов селектор, нов лик на репрезентацијата, а за тоа кој ќе победи ќе видиме по натпреварот.
Нема потреба да менуваме нешто драстично, без разлика дали играме со Германија или со некој друг. Да, Германија е суперквалитетна репрезентација со играчи, но ние на последните натпревари покажавме и тоа како сериозен квалитет“, вели Милевски.