МЗТ Скопје го запиша третиот триумф сезонава, откако на домашен терен го совлада Куманово со 86-71 во рамките на четвртата рунда во Првата лига. Тимот од Аеродром дојде до целиот плен, но остана без Бојан Крстевски, кој незгодно нагази и заврши со мраз на клупата за резерви. Дали станува збор за нешто посериозно ќе биде познато допрва.
Дамјан Стојановски со 25 поени беше прв стрелец, на другата страна Каплановиќ имаше 17 поени.
По изедначената прва четвртина (19-19), актуелниот македонски првак успеа да го добие следниот период со 29-18 и на одморот да замине со позитива од 48-37. Не се промени ништо ниту во третата четвртина, избраниците на Дарко Радуловиќ продолжија да доминираат.
Куманово последниот обид да се врати во натпреварот го направи на стартот на последните десет минути, со серија од 8-0 се доближи на 67-56. Рикиќ конечно во 33. минута го прекина налетот на противникот, па МЗТ Скопје фати ритам и успеа да го приведе мечот во своја корист.