КОМЕНТАР НА 12. КОЛО: Зарем не е време за откази или оставки во Шкендија!?

911

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Ако го имаш најголемиот буџет во ПМФЛ, ако го имаш најдобриот тим, ако имаш одврзани раце да правиш што сакаш со тимот, а ти после 12.коло си во минус од 11 бодови во однос на лидерот, е тогаш нешто не е во ред. Тогаш можеби или веројатно проблемот е кај тебе. Шкендија се чини уште во 12.коло ја загуби битката за титулата сезонава во однос на Шкупи. Не толку поради таа бодовна разлика колку поради бледата игра на шампионот под водство на Бруно Акраповиќ. Блескавите моменти се многу ретки, Шкендија одамна не е тим против кој останатите клубови и се плашат како што тоа беше пример во минатите 5-6 години. Кога ќе треба да се гостува под Шара екипите и пред да започне мечот “потпишуваа“ дека се задоволни со пораз од 2:0. Е, сега не е така. Сега Тиквеш кој до вчера играше во Втора лига, си отиде во Тетово со намера да освои бод и го освои.

Факт е дека Бруно се врати во Шкендија на тимот да му биде подобро отколку со Ернест Ѓока. Но стратегот од Албанија барем освои титула, Босанецот оваа сезона не ќе може, зошто против себе го има силниот Шкупи кој просто “гази“ во првенството. А неговата Шкендија и тоа како “поткашлува“. Шкендија и дефинитивно не е веќе таа Шкендија што беше и што требаше да биде. И кога е така, а така е, тогаш логично се поставува прашањето зарем не е време во клубот да се преземат некои чекори? Зарем не е време за откази или оставки.

Оваа бламажа што Шкендија им ја приредува на своите фанови мора да престане. Ако во Шкендија се земаат најголемите плати, ако тренерот ја зема најголема плата од останатите тренери во ПМФЛ, тоа мора да се оправда.

Најлошо е што Шкендија ја загуба својата “ДНК“ што се вели. Имено Шкендија во годините наназад и кога не освојуваше титули имаше своја препознатлива игра, напаѓачка, кога просто ги “газеше“ ривалите. Се победуваше со 4-0, 5-0, просто милина беше да ги гледаш момците во „црвено – црно“ како играат.

Тоа веќе одамна го нема.

Погледнете ги само дел од резултатите оваа есен на Шкендија:

Шкендија – Тиквеш 1:1, А. Пандев – Шкендија 2:1, Струга ТЛ – Шкендија 1:1, Шкендија – Шкупи 0:0, Пелистер – Шкендија 2:2, Брегалница – Шкендија 3:3, Шкендија – Ренова 1:2, Тиквеш – Шкендија 0:0 и се ќе ви биде јасно. Шкендија во два меча не може да го победи Тиквеш. Шкендија одигра 12 меча, само четири победи, дури шест ремија и два порази. Освоени 18 бодови, доволно за делба на 5. место со Работнички, а Шкупи ита, ита кон титулата со 29 бодови.

ПретходноШтета: Тричко ја прекина фантастичната серија на Кипар!
СледноМиркуловски го победи Пешевски во македонското дерби во Бундеслигата!