Македонските одбојкари го совладаа Кипар со 3-0 (25:21, 25:21, 25:21) во првиот натпревар од шестиот настап во ЦЕВ Европската лига. Одиграа рутински во салата „Парк“ во Струмица, постојано имаа контрола на резултатот.
„Црвено-жолтите“ имаа 13 грешки помалку и два поена повеќе од блок и од ас што беше доволно за да нема неизвесен крај на ниту еден од сетовите.
„За нас ова е очекувана победа иако можеби ја извојувавме потешко отколку што мислевме. Најважно е што победивме и сега треба да се насочиме кон другите натпревар со противници коишто се посериозни, но без оглед на тоа целта е да оствариме три победи на првиот турнир“, вели македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев.
Македонија денеска игра против Израел, дуелот е закажан со почеток во 20 часот.