Ете и тоа го дочекавме. Денеска е денот “Д“ за фудбалска Македонија. Денот во кој ќе се знае дали нашата репрезентација која во последно време не навикна на успеси, ќе успее да се пласира во баражот за пласман на СП во Катар 2022 година. Дали ќе дојде на чекор до остварување на сонот, до пласман на еден Мундијал.
Вечерва на Арената “Тодор Проески“ со почеток од 18 часот, Македонија во меч од последното коло се среќава со Исланд во групата Ј. Се знае, по триумфот во Ереван и она реми во Букурешт од четвртокот, сега ние ја имаме судбината во нашите раце или нозе, ако сакате. Сега ние сами си решаваме. Потребна е победа над „рибарите“ од Исланд, па макар таа била и со 1:0 и ете…МАКЕДОНИЈА Е ВО БАРАЖОТ!
Да, драги читатели. Ова нема да биде сон, ова ќе биде јаве.
Ако до пред некоја година само фантазиравме за ваков успех, сега сме на чекор до нешто фантастично.
Нема веќе што да се раскажува, прикажува, анализира, детализира.
Вечерва сите 17.000 фанови на нашата репрезентација кои ќе бидат на трибините на Арената “Тодор Проески“ во Скопје од своите грла ќе навиваат громогласно за МАКЕДОНИЈА, ќе бараат победа по секоја цена…да,да, буквално по секоја цена.
Оваа шанса драги наши фудбалери и селекторе Милевски, не смеете да ја испуштите, како знаете и умеете морате, ама баш морате да победите.
Ајде МАКЕДОНИЈО…одиме на победа!
Храбро, одважно… како што само ти знаеш…