Што ни треба за пласман на СП: Како Македонија до Мундијалот во Катар?

6229

Лани ова време славевме пласман на ЕП и тоа преку бараж или плеј – оф во Лигата на Нации. Сега нашата шанса се вика пласман на СП во Катар 2022. Нешто што до пред некоја година беше научна фантастика за нас. Но, ете, се роди една нова генерација на играчи која покажа дека се е можно. Прво играше на ЕП за младинци, потоа на ЕП за сениори, па сега е на ред и Мундијалот, нели? Да се заокружи еден блескав циклус. Се разбира дека ќе биде тешко, многу тешко, но ајде да објасниме што ние треба да сториме за да го видиме Катар следниот ноември.

Како прво утре треба да го победиме Исланд и да влеземе во баражот за пласман на СП. Тоа ќе биде успех сам по себе. Но ако веќе бидеме таму, зошто да не мечтаеме за нешто повеќе, за нешто големо, за нешто грандиозно.

Во баражот Македонија ќе биде заедно со уште 11 селекции, значи вкупно 12. Десет од нив ќе бидат сите второпласирани од квалификациските групи, се надеваме и Македонија, а останатите две доаѓаат од Лигата на Нации.

Тие 12 репрезентации ќе се поделат на носители и неносители, Македонија ќе биде во втората група.

ЖДРЕПКАТА ЗА БАРАЖОТ НА 26 НОЕМВРИ

Потоа тие ќе се поделат во три групи од по четири селекции. Во една група ќе бидат две репрезентации носители и две неносители. Македонија ќе мора да игра со посилен тим од себе, барем според рејтингот, со оглед на тоа дека ќе бидеме неносители. И што е лошо, ќе мораме во полуфиналето да играме на гости. На пример може да се паднат селекции како Швајцарија, па и Италија, Шкотска, Шведска, Полска…сепак да не прејудицираме зошто во тек се последните кола во сите групи и допрва ќе се знае списокот на учесници во баражот.

Во случај на триумф тогаш во финалето се среќаваме со победникот од втората двојка во нашата група, е овој последен меч, ако не посака ждрепката, би можеле да го играме во Скопје. Се разбира тоа би било фантастично.

Значи ние ако сакаме во Катар, ако сакаме на Мундијалот тогаш ќе мораме прво да го победиме утре Исланд, да ставиме печат на пласманот во баражот а таму ќе треба да оствариме две победи.

Да потсетиме дека ждрепката е на 26 ноември, а баражите се играат на 24/25 март (полуфинале) и 28/29 март (финале).

Некој ќе каже – невозможно, но дали е баш така.

Оваа генерација покажа дека кога таа е во прашања се е возможно и дека чудата се случуваат.

Можеме само да претпоставиме што пласманот на Македонија на СП во Катар ќе значи прво за државата, а потоа и за мак – фудбалот, за Фудбалската федерадција, за играчите, селекторот Благоја Милевски.

ПретходноГостивар останува перфектен дома, ТФТ не го издржа „пеколот во Младост“
СледноБотас прв во “спринт“ трката за ГН на Бразил, Хамилтон фантастичен…