Срѓан Захариевски: Ова е најголемиот успех на нашата репрезентација во историјата!

445

И покрај тоа што минаа неколку дена од историскиот успех на нашата репрезентација со пласманот во баражот за СП во Катар 2022 година, не стивнуваат реакциите во нашата јавност за тоа што го направија избраниците на селекторот Благоја Милевски.

Па така свој коментар за „Спортмедиа“ има и стратегот на Струга ТЛ, Срѓан Захариевски инаку некогашен репрезентативец на Македонија, во свое време еден од најдобрите наши фудбалери.

Фантастичен успех. Јас сум пресреќен, не можам што се вели да се изнарадувам на овој резултат на нашата репрезентација. Да не претерам, ама ова е нашиот најголем успех на А- репрезентацијата во историјата на Македонија. Да, ние игравме на ЕП, ама ова според мене е уште поголем успех зошто е дојден по квалификациите а не по Лигата на Нации. Честитки за сите, за играчите, за селекторот, за неговиот претходник, за сите што имаа свој придонес“ вели Захариевски.

Захариевски вели дека за ова најголема заслуга има “златната“ генерација на мак – фудбалот, онаа што играше на ЕП за младинци во 2017 во Полска.

Па, се започна со неа. И кога на неа ќе се надоврзат еден Пандев претходно, па Адеми, Ристовски, Алиоски, Димитриевски и останатите нешто поискусни, ете го резултатот. Да не се лажеме, оваа генерација донесе победнички дух, златни деца се овие во фудбалска смисла. И да не заборавиме, тие кога се пласираа на ЕП во 2017 за младинци тогаш имаше место само за 12 селекции во Европа“.

Остнуваат уште две скалила да се искачат до Катар. Дали Македонија, според Захариевски, има шанси да го оствари сонот, да се пласира на Мундијалот.

Јас лично сум оптимист. Ги гледам момците како играат и тоа ми дава надеж дека можеме со малку среќа во ждрепката, тука мислам ако ги избегнеме Португалија и Италија, дека имаме шанси, зошто да не? Па, и ако се игра на гости полуфиналето, овие момци подобро играат на гости отколку дома, што се вели. Добро е што сме `живи` до март, што еуфоријата ќе трате барем уште неколку месеци, и со една добра стратегија, со враќање на Адеми и останатите повредени, се надевам дека ќе успееме да одиме во Катар. Елмас на првиот меч ќе го немаме, но затоа во финалето ако дојдеме до него, со Дијамантот ќе бидеме уште посилни. На крај да прашам зарем треба да се кажува што ќе значи учество во Катар за нас што сме во фудбалот, за цела Македонија“ заврши Захариевски.

ПретходноЕдна глупава грешка на селекторот може да ја чини Полска дури и пласман на Мундијалот!
СледноНова победа за одбојкарките на Наковски Волеј