Македонската одбојкарска репрезентација оствари тешка, но заслужена победа од 3:1 (25 – 21, 22 – 25, 23 – 25, 29 – 31) над селекцијата на Израел во вториот меч на првиот турнир од групата „А“ во Европската Сребрена лига. Израелците покажаа дека се извонредна селекција и не се предадоа до последен момент, но Македонија покажа исклучителна самодоверба и успеа да ја прокнижи и втората победа во групата.
Во првиот сет Израел потсети на одличниот старт од првиот меч со Данска и успеа да не принуди да го сфатиме продолжението од мечот многу посериозно. По предност од еден поен по првите петнаесетина поени (8-7), Израелците се одлепија на плус три за 16-13 и најавија дека ќе го приведат сетот до освојување. Дојдоа до 25-21 и поведоа со 1:0.
Во вториот сет стартот ни припадна нам и имавме предност од поен-два се до средината, кога Израел успеа да дојде до преврт за 16-15. Неизвесната завршница донесе одлична одбојка во која ние успеавме да се одлепиме и со 25-22 за израмниме на 1:1.
Голема беше битката и во третиот сет, со таа разлика што ние одржувавме константна минимална предност (8-6, 16-13). Во завршницата Израелците успеаја да се приближат и да направат малку поинтересна завршница, иако Македонија имаше три сет топки и мораше да го освои сетот. Тоа се случи со 25-23 за предност од 2:1 во сетови.
Исклучителна драма видовме во четвртиот сет. Израел даде голем отпор и успеваше да одржува константна предност од еден до два поени се до завршницата. Македонија успеа да направи пресврт во самата завршница и да дојде во предност од 22-21. Македонија стигна до две меч топки со 24-22, но Израелците успеаја да го реализираат два напади и да израмнат на 24-24, а потоа да добијат пет сет топки, кои ние успеавме да ги одбраниме. Во првата сет-меч топка која ја добивме на 30-29, Филип Деспотовски имаше фантастичен блок за конечни 31-29 и победа на Македонија.
Никола Ѓорѓиев со 23 поени беше најдобар реализатор во нашата селекција, а извонредна партија имаа и Ристо Николов (16) и техничарот Деспотовски. Кај Израел двоецот Хершко (23) – Давид (21) реализираше 44 поени.
Во првиот денешен натпревар, одбојкарите на Данска немаа премногу проблеми да го добијат мечот со Кипар. Убедливи 3:0 за скандинавците (25 – 23, 25 – 22, 25 – 20), резултат кој се очекуваше, со оглед на тоа што Данска е втор фаворит во групата за место на Ф4 турнирот од Сребрената лига.
Утре во рамките на 3. коло, Израел и Кипар почнуваат од 17 часот, а во вечерниот термин од 20 часот се игра дербито меѓу Македонија и Данска.
фото: CEV.eu