Алкалоид ја продолжува трката за лидерското место во Првата лига, поточно во Б групата. Дебитантот дојде до осмата победа и со едно реми, го дели врвот со Голден Арт.
Ракометарите на Алкалоид минимално го совладаа Јуниор К.В на гостински терен со 29-30. Можеа да дојдат до поубедлив триумф, пред самиот крај имаа предност од три гола, домашниот состав успеа да ја искористи нивната невнимателност.
Гостите го имаа водството речиси во текот на целиот меч, на одморот водеа со 15-17. Тимот од Јуниор К.В во вториот дел кратко поведе со 22-21, по што Алкалоид со три гола во низа го врати водството и до крајот не го испушти.
Серафимов имаше седум погодоци, по пет запишаа Стојков и Ѓорѓиев. На другата страна Печенковски и Илиевски имаа по шест погодоци.