Манчстер Јунајтед во неделата го смени Оле Гунар Солскјер по поразот од Ватфорд (4-1). За неговиот отказ се зборуваше со недели, реакциите не стивнуваат ниту по одлуката на раководството на клубот.
За состојбата во редовите на Јунајтед, зборуваше и легендарниот капитен Рио Фердинанд.
„Ништо не беше подготвено однапред, а во клубот беа свесни дека може да дојде до смена на Солскјер. И сега, тој пораз ја донесе таа одлука. Без никаков план или идеја кој може да го замени. До сега мораа да имаат решение или барем желба за клупата за да го сменат Солскјер. Но, тука се случи се набрзина, исфорсирано и чисто како реакција по поразот“, изјави Фердинанд.
Тој вели дека не може да биде позитивен, клубот морал да направи нешто за време на репрезентативната пауза.
„Како навивач се чувствувам непријатно. Треба да бидам позитивен и да го заштитам клубот, но не можам. Видоа дека не играат добро, имаа две недели да направат нешто за време на репрезентативната пауза, но не направија ништо. Јунајтед секогаш беше во европската елита во секој аспект. Во овој момент клубот е спротивно, тоа најмногу ме загрижува“.