Македонската кошаркарска репрезентација за два дена го игра првиот квалификациски меч за место на СП 2023 година. Во петок во Скопје гостува актуелниот светски првак, Шпанија.
Уште на стартот Драган Бајиќ се соочи со проблеми, Лејсон Зекири не се појави на собирот, неофицијално сака да игра за Косово.
„На првиот собир, тоа беше вечерата пред почетокот на тренинзите, сите се појавија, само Лејсoн Зекири не. Официјален контакт немаме, меѓутоа неофицијални сознанија ние имаме дека тој сака да игра за Косово. Пак ќе повторам, ова е неофицјална информација. Контактиравме негови блиски, телефонски се обидовме да го добиеме каде е и што е. Ние немаме многу млади играчи, па да дозволуваме. Досега, не дозволуваме наши кошаркари да играат за други селекции. Засега, размислувањето е да не ја одобриме таа дозвола за настап, доколку дојде. Секако, тоа нема да застане тука. Но, политиката на ФИБА е малку ограничена и малку ѝ се врзани рацете на федерацијата. Ќе се потрудиме тоа да не застане така и да биде пример и за другите“, изјави генералниот секретар, Владимир Георгиевски.
Додека Љубомир Младеновски и Стојан Ѓуроски се соочуваат со проблеми. Првиот има вироза, па нема да биде со тимот, додека Ѓуроски поради повреда на препоните нема да може да помогне ниту на дуелот со Шпанија во Скопје и гостувањето во Киев против Украина.