Вардар 1961 не го преживеа Кил – продолжува агонијата во ЛШ

106

Вардар 1961 не успеа да стави крај на црната низа во Лигата на шампиони. Гостувањето кај Кил не го преживеа, бундес-лигашот по вторпат оваа сезона славеше над „црвено-црните“, овој пат со 32-30 во рамките на деветото коло.

За Веселин Вујовиќ и неговите момци ова шестти пораз во низа. Шанса за победа ќе има веќе следната недела против ППД Загреб на гости.

Македонскиот првак во првото полувреме одигра поцврсто во одбраната. Избраниците на Веселин Вујовиќ покажаа стабилност, смиреност во моментите кога противникот имаше и предност од пет гола.

Со по две одбрани на Ландин и Томовски почна дуелот од деветото коло во ЛШ. Вардар 1961 прв го отвори мечот преку Кудуз за 0-1. Позитивата од еден гол ја одржуваше до деветата минута (4-5),по која нападот застана. На другата страна германската машина брзо казни, со серија од 7-1 поведе со 11-6 на средината на првото полувреме.

Веселин Вујовиќ повика тајм-аут, по кој неговиот тим се врати на голема врата. Со три одбрани на Томовски и серија од 5-1, Вардар ја стопи големата негатива на 12-11 во 20 минута. Не застанаа „цврено-црните“, со голот на Тото израмнија на 13-13, по што Филип Јиха беше принуден да повика тајм-аут. Бундес-лигашот успеа да казни две грешки (15-13), на одморот замина со истата позитива од два гола (18-16).

ПРОТИВ КИЛ НЕ СМЕЕШ ДА „ТРЕПНЕШ“, ГЕРМАНСКАТА МАШИНА ОДМА „МЕЛЕ“

Најлошо е кога германската машинерија ќе проработи. Вардар 1961 му отвори простор на противникот, Кил тоа успеа да го казни за четири минути. Со серија од 7-1 поведе со 26-19 во 42. минута.

Ова беше и клучниот момент. За разлика од првото полувреме, македонскиот првак не успеа да се врати целосно, не ги искористи шансите кои Кил ретко ги оставаше. Чувара имаше шанса да го размрда противникот во самиот финиш, промаши за еден гол негатива, по што на другата страна Ландин стави крај на сите дилеми.

Кудуз со девет гола од исто толку обиди беше прв стрелец, шест погодоци имаше Тото, на другата страна Сагосен реализираше осум гола. Томовски имаше 11 одбрани, на другата страна Ландин запиша исто толку интервенции.

ПретходноОчајна реализација: Работнички заборавил како се постигнуваат голови!
СледноТотенхем рутинирано со Брентфорд!