Струга ТЛ во полуфиналето на Купот ќе биде домаќин!

970

На 15 декември се игра и последниот 1/4 финален меч од Купот на Македонија, се среќаваат Пелистер и Вардар. Победникот од овој меч ќе им се приклучи на екипите на Струга ТЛ, Силекс и Македонија ЃП кои веќе се таму.

Полуфиналните мечеви се играат на 20 април со почеток од 16 часот а големото финале е закажано за 18 мај со почеток од 20 часот.

Треба да се каже дека од сите овие три екипи кои досега се во полуфиналето, Струга ТЛ е во најповластена позиција. Имено при ждрепката, која ќе се одржи на почетокот на април, уште сега се знае дека стружани ќе бидат домаќини. Значи би играле дома со Силекс, Македонија ЃП или Пелистер. Планот може да го поремети само Вардар, кој прво треба да го мине Пелистер. Во случај тоа да се случи тогаш и Вардар би бил домаќин во полуфиналето, и ако се падне со Струга ТЛ тогаш ждрепката ќе решава која од овие две екипи ќе биде домаќин.

Ова е поради новата процедура околу ждрепката со оглед на тоа дека се игра по еден меч.

Имено оние екипи од претходната фаза ако биле домаќини, во наредната ќе бидат гости со цел да не се случи сите или повеќето мечеви во Купот да ги играат како домаќини.

Значи едно е сигурно. Силекс и Македонија ЃП ако не се паднат меѓусебе ќе бидат гости, а Струга ТЛ и Вардар ако не се паднат меѓусебе ќе бидат домаќини.

Инаку интересно е тоа што првите пет екипи на табелата во ПМФЛ во моментов ги нема во полуфиналето…а тоа се Шкупи, А. Пандев, Шкендија, Ренова и Брегалница.

ПретходноЈирген Клоп: Не можете да ја освоите титулата во ноември и декември, но можете да ја изгубите
СледноБотев Враца со специјално признание за Македонецот Бабунски!