Перфекцијата во редовите на Пелистер продолжува. Битолскиот тим дојде до десетата победа во низа, откако на домашен терен го совлада Гостивар со 101-76.
За избраниците на Александар Јончевски ова беше трет пораз во низа, вкупно петти оваа сезона, па алармот полека се вклучува.
На другата страна кошаркарите на Пелистер овој дуел го решија во првата четвртина која ја одигра брутално. Истата ја доби со 35-9, гостите до шестата минута имаа постигнато само два коша, беше 24-2.
Во продолжение Гостивар ја подобри играта, ги доби следните два периоди, но тоа не беше доволно, Пелистер одржуваше позитива од 18-22 поени за мирна завршница. Последната четвртина беше само рутина, битолчани ја продолжија рекордната сезона.
Кесар постигна 33 поени и 8 скока, Караџовски запиша 22 поени кај домаќинот, во тимот на Гостивар Силаџи имаше 21 поен.