Марко Митев: Тоа што сум дел од нашата најдобра репрезентација ме прави горд МАКЕДОНЕЦ!

358

Марко Митев, нашиот млад ракометар со своите 18 години е голема македонска ракометна надеж. Средниот бек на РК Бутел ја доби довербата од селекторот Кирил Лазаров да биде дел од поширокиот список на подготовките за претстојното ЕП 2022, и затоа сега е на подготовките со останатите наши репрезентативци. Да потсетиме дека во моментов нашата репрезентација под водство на Лазаров се подготвува во Маврово.

Митев не крие дека е воодушевен од фактот што е дел од оваа наша најдобра селекција.

Огромна чест и гордост е да се биде дел од најдоброто од ракометна Македонија. Сметам дека тоа го посакува и кон тоа се стреми секој кој решил да му се посвети на ракометот. Да се биде дел од националниот тим и да се бранат боите на Македонија е исклучителна гордост и сон на секој спортист. Тоа што сум сега овде на 18 години ме прави да бидам не само горд Македонец туку претставува и мотив плус за уште повеќе да работам на себе, да учам од поискусните и секако да дадам се од себе да одговорам на задачите најдобро што можам“ вели Митев кој како и сите репрезентативци дава се од себе на подготовките за ЕП.

Тој не крие дека во текот на овие подготовки благодарение на Ракометната федерација на Македонија, условите за работа се фантастични.

На овие подготовки ја имам токму таа можност, да учам од најдобрите како што кажав. Ние овде сме како едно семејство. Напорно работиме и сите имаме иста цел- успех на нашата ракометна репрезентација. Условите за работа во Маврово се фантастични за што е заслужна нашата федерација“.

Марко се надева дека ќе се најде на конечниот список на патници за ЕП. Тоа за него би било остварување на сонот.

Ако се најдам на финалниот список на патници за ЕП за мене тоа ќе биде почеток на остварување на мојот животен сон- да го облечам националниот дрес и да ги бранам боите на Македонија на едно вакво првенство. Знам дека тоа воедно е и огромна одговорност, бидејќи да играш за Македонија значи да бидеш подготвен да ги претставиш својата земја и својот народ во најдобро светло, да се бориш за победа на тимот и да оставиш срце на терен“ заврши Митев.

Кога сме кај нашата ракометна селекција, да споменеме дека утре избраниците на Лазаров имаат контролен меч со селекцијата на Кувајт.

ПретходноХристов: Работнички подготовките ги стартува на 8 јануари, опција е и Анталија!
СледноВиеира нема да го води Палас против Тотенхем