Левиот бек на украинската репрезентација Витали Миколенко ќе биде новиот фудбалер на Евертон. Според неколку извори, младиот украински фудбалер го напушта Динамо Киев и ќе игра на „Гудисон парк“, а сумата која „карамелите“ ќе ја платат за него изнесува меѓу 21 и 23 милиони евра. Тој наводно ги минал лекарските прегледи, па се чека уште официјална потврда од страна на англискиот клуб која ќе се случи во првите денови од јануарскиот преоден рок.
Инаку Миколенко е од школата на Динамо Киев, а за првиот тим игра од 2016 година. За Украина има 21 настап. Tој ќе биде првиот украински фудбалер што ќе го облече дресот на „сините“ од Ливерпул.