Европскиот шампион Челзи славеше со 3:1 на гостувањето против Астон Вила и ја оствари дванаесетата победа сезонава со која се израмни со Ливерпул на 2. место на табелата. Вечева во претпоследниот меч на „Боксинг Деј“, „сините“ со пресврт успеаја да го совладаат тимот од „Вила Парк“ кој не беше предводен од менаџерот Стивен Џерард кој поради Ковид-19 е во изолација.
Домашните поведоа благодарение на автоголот на Рис Џејмс во 28. минута, но само 6 минути подоцна Челзи се врати за израмнување на 1:1 со гол од пенал на Жоргињо.
Одлуката за победникот дојде во 56. минута кога Лукаку, конечно, успеа да постигне гол за пресврт и водство од 2:1. Ова беше прв гол за Белгиецот од септември, па се досега. Со вториот гол од пенал во 93. минута, Жоргињо само стави печат на победата, прва по пауза од два меча кои „сините“ ги одиграа нерешено.