Алкалоид првата полусезона ја заврши со ефект од 12 победи и еден нерешен резултат и е на првото место на табелата.
Во февруари тимот го очекуваат важни натпревари за комплетирање на регуларниот дел од шампионатот, а потоа и дуелите од плејоф-првенството.
Тренерот Љубомир Савевски е задоволен од одиграното досега.
„Презадоволен сум од напредокот на ракометарите, и тоа во повеќе сегменти од играта. Тоа не е само мое мислење, туку и мислење на целиот стручен штаб. Наметнавме силен ритам, а играчите го прифатија и функционираме добро. Имаме и голем простор за напредок и ќе бидеме целосно посветени во продoлжението на сезоната за надградба и за подобрување на квалитетите.
Резултатски, сметам дека можевме со максимален ефект да го завршиме првенството, но тој еден меч на кој одигравме нерешено ќе ни биде поттик и потсетник во пролетниот дел да ја задржиме концентрацијата”, вели тренерот на Алкалоид.
Савевски посебно ги потенцира условите и организацијата на тимот.
” Организациски, јас во својата 50-годишна ракометна кариера досега не сум имал вакви услови и поддршка какви што имам сега. Клубот бргу се развива и станува модел што треба да се следи, особено затоа што се работи за проект што ги опфаќа младите играчи, кои наскоро ќе бидат база и за репрезентацијата и нејзина сигурност во времето што доаѓа“, вели Љубомир Савевски.