Лазаров: Задоволен сум од победата, но и да беше поинаку немаше да очајуваме

362

Македонската ракометна репрезентација ги доби двата пријателски мечеви против Кувајт во рамките на подготовките за Европското првенство во јануари. На првата средба избраниците на Кирил Лазаров дојдоа лесно до триумфот, додека втората беше решена во последната секунда (22-21).

Предводникот на нашиот најдобар национален тим е задоволен, двата меча се големо искуство за помладите ракометари. Најважно е дека има јасна слика.

„Мислам дека резултатот од првиот натпревар не беше реален. Кувајт е добро истренирана екипа, предводена од еден стратег како Борис Дениќ, кој веќе работи таму еден подолг период. Ние трениравме максимално напорно вчера, а дури и денеска наутро. За нашите млади играчи овој натпревар беше едно големо искуство. Задоволен сум од победата, но и да беше поинаку немаше да очајуваме. Имам јасна севкупна слика. Се соочуваме со проблеми со повредени играчи и се надевам дека ќе се опорават побрзо. Утре сабајле и попладне продолжуваме со напорната работа“, вели Лазаров.

Пред нашите момци претстои уште работа, по Маврово и кратката пауза се селат во Скопје.

„Важно е играчите да бидат фокусирани до самиот крај и покажаа карактер, тоа е позитивна работа. Победникот не се знаеше до последната секунда. Видовме како регираат некои играчи во неизвесни завршници. Имаме време да исправиме доста работи по новогодишните празници. На крај морам да кажам дека сум задоволен од тоа како момците ги одработија подготовките во Маврово“.

ПретходноИнтер ќе земе германски репрезентативец без пари
Следно„Миркуловски, Пешевски и Кузмановски покажаа колку се подготвени да се жртуваат за Македонија“