Дражен Пиневиќ, Спортске новости, Загреб
За два дена и официјално ќе стартува Европското првенство во Унгарија и Словачка. За разлика од претходните дефинитивно условите се поинакви, пандемијата е таа која што го диктира составот, а на крајот се чини и победникот.
СПОРТМЕДИА одлучи континенталното натпреварување да ви го претстави низ призмата на еден од најдобрите новинари во Хрватска, па и пошироко. Станува збор за Дражен Пиневиќ, кој долги години пишува за овој спорт, известува од големите натпреварувања, добро ја познава и македонската ракометна репрезентација, како и спортот во Македонија.
Нема да должиме многу уживајте во неговата колумна пред стартот на битката за европскиот трон.
„Околностите во кои за неколку денови би требало да почне Европското првенство за ракометари во Унгарија и Словачка, се исклучително специфични. На традиционалните повреди се надоврза и пандемиската криза, па ете до самиот старт на ЕВРО ниту една репрезентација не знае на кого воопшто може да смета на мечевите во Унгарија и Словачка.
Впечаток е дека би било паметно во овие околности ова натпреварување да се одложи, да му се најде некој летен термин, зошто во прашање со оглед на околностите е и целта на играњето.
Главно прашање е дали ќе победи најдобриот или ќе победи најздравиот, а тоа во секој случај не би требало да е главното прашање. Но, се чини дека профитот е најважниот сегмент, па поважен е и од здравјето кои сите како фигура ќе го стават на прво место. Се грижиш за здравјето на играчите и учесниците, а трибините ќе бидат исполнети, билетите продадени…Има или тоа било каква врска едно со друго?
ЕВРО е најсилното ракометно натпреварување во светот, квалитетот е сконцетриран на едно место. Да би се дошло до медал во тие 17 денови треба да се одиграат девет квалитетни натпревари, а како е можно тоа во овие околности тоа е тешко да се каже однапред. Сигурни сме дека ниту еден тренер и играч тоа не го знае.
Сите ги знаеме фаворитите, не е проблем да се каже Данска, Франција, Шпанија, но во овие околности тоа не е единствената работа која е важна. Дефинитивно.
Македонија е во група со Словенија, Данска и Црна Гора. Понатаму, во следната фаза ќе одат двете најдобри селекции од групата, а фаворити на хартија се Данска и Словенија. Македонија е фаворит против Црна Гора, исто како споменатите два фаворити се против Македонија.
Очекувањата се големи, но треба да се биде реален и да се каже дека пласман на Македонија во вториот круг ќе биде голем потфат. Традиционално мечевите на репрезентацијата се доживуваат еуфорично, но притоа често се заборава дека Македонија не е Вардар кој ја освојуваше Европа, дека тоа се некои поинакви реалности, кои не спаѓаат само во европскиот врв.
Огромни работи направи македонскиот ракомет во последните години и на крилјата на тој успех треба да се гледа оптимистички, но дефинитивно треба да се продолжи, кога станува збор за репрезентацијата, по малку поинаков пат отколку досега.
Создавање на домашни сили е долготраен процес. Киро Лазаров се нафати на голема работа, тоа не е спринт, зошто ова што тој го работи е маратон за кој треба да си стрплив и да имаш поддршка во прв ред од раководството на федерацијата,а потоа од сите ракометни верници. Секако дека сите би сакале најмногу, но во прашање овојпат е концепт, а не само резултат. Ако го прифати тоа Македонија тогаш ќе биде на добар пат.
Секако, воопшто не се сомневаме дека ќе се стори се да се нападне Словенија во борбата за бр.2 во групата и дека ќе видиме фанатична борба на Македонците, онака како што само тие тоа го знаат.
Квалитетни играчи не недостигаат, но тим е нешто сосема друго. И затоа главата горе, храбро, па што ќе биде – нека биде“.