Фудбалската репрезентација на Коморските Острови заедно со Гамбија се сензација на Африканскиот куп на нациите. Комори се пласираа во осминафиналето, а во групата успеа да земе едно од двете места кои водат во наредната фаза и ја исфрлија Гана од игра.
Утре во осминафиналето (понеделник, 20:00 ч.) ќе се соочат со домаќинот Камерун и се најдоа во проблеми. Дури 12 играчи и членови на стручниот штаб се позитивни на Ковид-19, соопштија од Федерацијата.
Првиот чувар на мрежата Бен Боина се повреди на мечот со Гана, другите двајца се позитивни, па според правилникот на голот ќе мора да застане играч затоа што Африканската фудбалска конфедерација не дозволува дополнително да се повика голман.
„Ова е тежок момент за нас, но не ја губиме надежта“, порача спортскиот директор на репрезентацијата Ел Хадад Химиди.
Екипата мора да игра доколку има најмалку 11 достапни играчи, стои во правилото, а доколку нема службено ќе го загуби мечот.