Ѓорѓиев пред Данска: Цела недела чекам да им се реваншираме

218

Вечерва (19 ч.) во Шлагелсе, македонската одбојкарска репрезентација ќе го почне настапот на вториот турнир од групата „А“ во Европската Сребрена лига. На отворањето се среќаваме со домаќинот Данска, селекција која на крајот на минатата недела не изненади на првиот турнир во Струмица и не совлада со 3:0.

Нашите одбојкари подготвени го дочекуваат дуелот и се надеваат на реванш за враќање на победничкиот ритам пред Ф4 турнирот кој идниот викенд ќе се одржи во Струмица.

„Очекувам многу, многу подобра игра за разлика од последниот меч. Навистина тешко ми падна поразот од нив на домашен терен и цела недела го чекам реваншот. Се надевам дека полека ја наоѓаме нашата форма и мислам дека веќе ќе почнеме да заличуваме на екипата од ЕП 2019 и турнирот во Скопје. Ако ја покажеме играта од првите две средби, сигурен сум дека може да се надеваме на победа и добар почеток на овој турнир овде во Данска“, вели капитенот Никола Ѓорѓиев за СПОРТМЕДИА.

Денеска од 16 часот први на паркетот ќе излезат селекциите на Кипар и Израел. По првиот турнир Данска со три победи е лидер во групата, пред Македонија, Израел и Кипар.

ПретходноНавивачите во Букурешт ќе бидат под контрола на лица за безбедност од ФФМ!
СледноИ официјално: Јувентус му се заблагодари на Пирло