Пелистер не успеа да влезе во победнички ритам во АБА 2-лига. Иако се чинеше дека против Рогашка има сигурни бодови, сепак доби една лекција, само со максимална игра може да се добие меч макар и во второлигашкото јадранско натпреварување.
Избраниците на Марјан Илиевски се покажаа во бледо издание, згора на се, имаа и голем број на изгубени топки.
„Ако за претходниот меч можам да кажам дека игравме без грешка, денеска беше спротивно од тоа што се договаравме, од начинот како требаше да го браниме противникот. Рогашка имаше одлична шутерска вечер, им оставивме отворени шутеви. Ако ја погледнете статистиката имаме 20 загубени топки, со толкава бројка не може да се добие еден меч. Не постоеше истата енергија како од претходниот натпревар. Бевме во скратена ротација, Стајиќ, кој беше во добра здравствена состојба, и Младеновиќ кој е повреден. Се надевам дека ова ќе биде една добра лекција и ќе бидеме подобри на следниот меч“, изјави Илиевски.