Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ од 20 февруари 2020 година е неприкосновен лидер на АТП листата, но статусот на прв рекет може да го загуби во наредните неколку недели.
Данил Медведев ќе има шанса да го симне од врвот во наредните недели. Неделава Русинот имаше можност и во Ротердам, но сепак реши да направи мала пауза по Австралија опен каде стигна до финалето.
Од 21-ви до 26-ти февруари на програмата се два турнири од серијата 500, Акапулко и Дубаи.
Русинот ќе игра во Мексико, а Србинот во Обединетите Арапски Емирати. Познати се и сценаријата како Медведев би можел да дојде до првото место на АТП листата.
Ако тој го освои турнирот во Акапулко ќе биде сигурно прв, без разлика на настапот на Ѓоковиќ. Ако Медведев стигне до финалето во Акапулко, а Ѓоковиќ не ја освои титулата во Дубаи исто така ќе го помине. Русинот ќе го преземе светскиот врв и во случај да се пласира во полуфинале во Акапулко, а Ѓоковиќ да не се пласира во финалето во Дубаи. Има и неколку други опции, но овие веројатно се и најверојатните кои би можеле да се случат.
Доколку се исполни едно од овие сценарија, Медведев би станал првиот Русин на прво место по Евгениј Кафелников во 1999 година и Марат Сафин во 2000 година.