Барселона разочара во Лигата на шампионите затоа што испадна од елитното натпреварување, но поради третото место во групата се најде во 1/16 финалето на Лига Европа. А таму налетаа на Наполи, екипа која се бори за титулата во Италија.
Мечот ќе се одигра на „Ноу Камп“ со тоа што реваншот е на „Сан Паоло“.
„Би сакал да сме во ЛШ и лути сме што не е така, посебно кога ќе ги погледнеме синоќешните натпревари, сепак, свесни сме дека сме тука каде што сме па освојувањето на ова натпреварување ќе ни обезбеди враќање во елитата. Барселона никогаш не го освоила трофејот на ЛЕ што ни е дополнителен мотив, меѓутоа, свесни сме дека Наполи е квалитетен ривал. Овој меч пред две години беше дуел во осминафиналето на ЛШ. Сега сме кандидати за освојување на ЛЕ, но не и фаворити. Пред нас е силен противник, кандидат за титулата во Италија, а тука е и Севиља која е многу искусна и трофејна во ова натпреварување“, изјави тренерот на Барселона, Чави.
Барса се засили со Обамејанг, Траоре и Феран Торес и ги пријави за настапите во ЛЕ, но не и Дани Алвес за кого немаше место па во договор одлучи да го поштеди од напори и да биде од помош во Ла Лига.
„Обамејанг добро тренира, му требаше нешто појак тренинг и веќе е на 100%. Задоволен сум од него. Адама Траоре е зрел, има одличен начин на размислување и е играч кој може да реши натпревар. Среќен сум и поради Торес. Задоволен сум како се снаоѓа како центарфор или крило“, вели Чави.