Македонската кошаркарска репрезентација и официјално стартуваше со мини подготовките за двомечот со Грузија во рамките на првата фаза од квалификациите за пласман на Светското првенство 2023 година.
Селекторот Драган Бајиќ се соочи со бројни проблеми во февруарскиот прозорец. За гостувањето во Тбилиси (24. овој месец)на располагање ќе има подмладен состав. Поради повреди и други здравствени проблеми во составот ќе ги нема Дамјан Стојановски, Ненад Димитријевиќ, Бобан Стајиќ, Адем Мекиќ, Стојан Ѓуроски, Андреј Магдевски, како и Никола Јакимовски и Лука Савичевиќ, кои се најдоа на пиширокиот список од 24 кошаркари.
На гостувањето во Грузија помладите репрезентативци ќе ги предводат повратникот Војдан Стојановски, Бојан Крстевски и Џејкоб Вајли, ова се тројцата најискусни имиња во таборот на Македонија.
Иако нема да патуваат со соиграчите, на прозивката во СЦ „Борис Трајковски“ се појави Магдевски и Мекиќ. Андреј најверојатно ќе биде фит за дуелот во Скопје, исто како и Ненад Димитријевиќ, за останатите кошаркари засега нема информации.
Кошаркарите утре во вечерните часови заминуваат за Грузија преку Приштина, додека Бајиќ ќе оди нешто порано, откако не доби виза да влезе во Косово.
Македонија на стартот запиша два порази од Шпанија и Украина, па на гостувањето кај Грузија ќе бара прва победа, што пак ќе биде тешко по сите проблеми.