Е.Пелистер по поразот од Ним на гостински терен, вечерва (18:45 часот) пред своите навивачи го пречекува Кадетен Шафхаузен во рамките на осмото коло во Европската лига. Ова е директна пресметка за второто место на табелата во групата Д, по седум одиграни натпревари, двата тима имаат по осум бода, односно скор од три победи, две ремија и два порази.
Првата средба оваа сезона заврши без победник (28-28), што пак е доволна наваја за нов интересна битка. И на оваа средба, македонскиот вицепрвак има проблеми со составот, поради здравствени проблеми ќе ги нема Обрадовиќ, Павлетиќ, Велковски и Куковски, додека се враќа Периќ, кој донесе реми на првата средба.
Е.Пелистер за своите фанови подготви фан-зона, која ќе биде биде отворена во 17 часот. Со оглед на добрите партии кои ракометарите ги пружија оваа сезона, трибините треба да бидат исполнети, па Кадетен ќе има тешка задача во Битола.
„Се подготвуваме, го анализираме противникот. Видовме кои се неговите специјалности, на кои позиции се добри. Низ тренинзи и анализи ќе се обидеме да го најдеме најдоброто за нашето издание за мечот со Кадетен. За разлика од минатата година, сега сме во полесна позиција на табелата. Но спортот ги признава само победниците, па затоа и јас и играчите на таков начин се подготвуваме“, изјави Бабиќ пред мечот.