Еден од најголемите фудбалери во историјата Роналдињо не знаел дека може да си извади пари од банка, открива негов поранешен соиграч Емануел Виља. Тој и Роналдињо заедно играле во мексиканскиот Керетаро, а Аргентинецот раскажа интересна приказна поврзана со славниот Рони.
„По завршување на тренинг отидовме кај клупскиот сметководител и Роналдињо го замоли да му даде на заем 1200 евра. А сметководителот го праша зошто, а тој му објасни дека брат му е надвор од градот и дека не му оставил пари за да купи нешто.
А сметководителот му рече да оди да извади од најблиската банка, на која патем тој и беше заштитно лице. „Зошто не си извадиш од банка“, му рече сметководителот. А Рони беше изненаден и го праша: ‘Зарем можам да извадам пари од таму?’ На тоа му одговори сметководителот: „Се разбира дека можеш, таму ви ја префрлуваме платата. Сметката е на твое име и можеш да си извадиш пари во секое време“, раскажува Виља.
Аргентинецот објасни дека брат му на Роналдињо се грижел за финансискиот дел, а фудбалерот не се разбирал премногу околу тоа и добивал само кеш пари.
„Замислете си, 35-годишен маж кој беше феномен на теренот нема претстава како може да си извади пари од своја сметка“, додаде Виља.