Ракометарите на домашен терен се непобедливи, последен пат биле поразени во 2015 година

217

Македонската ракометна репрезентација вечерва (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ ја пречекува Романија во првиот бараж меч за пласман на Светското првенство 2023 година. Ова е прва фаза од битката за место на нов мундијал.

Нашите ракометари после речиси две и пол години ќе играат пред публика, поради пандемијата на Ковид-19, трибините беа празни. Вечерва оваа слика ќе се промени, репрезентативците треба да имаат максимална поддршка од фановите, па чекорот напред кон следната рунда за СП треба да биде полесен.

Македонија на дуелот со Романците влегува како фаворит. Првата причина е искуството кое Кирил Лазаров и неговите избраници го имаат во однос на својот противник. Втората е непобедливоста на Македонија на домашен терен кога станува збор за официјалните натпревари, поточно квалификациите за Европски првенства и бараж мечеви за СП.

Македонија во изминатиот период има 12 натпревари без пораз, еден од нив завршил со реми (против Исланд), 11 завршиле со победа. Последен пат од Скопје со триумф заминала Франција, во 2015 година славеше со 25-27.

Ова треба да биде дополнителен мотив за ракометарите, да ја продолжат серијата на победи и со комотна позитива да отпатуваат на реваншот во Букурешт, кој се игра во сабота.

ПретходноЛокатели е позитивен и не игра против Македонија!?
СледноЛЕ и ЛК: Барса ја чека ПЕКОЛ на Босфор, Ц. Звезда “брка“ три разлика, Рома и Лестер „сигурни“…