Македонија вечерва во Палермо го игра полуфиналето од плеј – офот за пласман на СП. Некој ќе каже дека е историски меч, па, можеби, но веројатно историско ќе биде финалето.Македонија е во еуфорија, сите сме со позитивни мисли, сите ние веруваме во нашите момци дека ќе не израдуваат уште еднаш.
Ѓорѓи Христов, еден од нашите најдобри напаѓачи во историјата, некогашен наш незаменлив репрезентативец, специјално за Спортмедиа го дава својот коментар за вечерашниот дуел во Палермо.
„И кога ни се падна Италија, јас реков дека подобар противник не можевме да добиеме. Зошто? Видете, целиот притисок е врз домашната селекција, ако не победи вечерва тоа за нив ќе биде катастрофа. Овие мечеви за фаворитите се тешки за играње. Ние ќе играме растоварено, знаеме што можеме и затоа велам дека генерално шансите се 50-50, ако се има в предвид ова што досега го кажав“ вели Христов.
За него најважно е да 15-20 минута да не примиме гол..
„Можеби ќе звучи како фраза, но навистина е така. Ако ние издржиме во првите 20 минути се може да се случи. Момците на Манчини ќе ги фаќа нервоза, публиката исто така. Сето тоа ќе оди во наша полза. Не би сакал да навлегувам во тактичките замисли на нашиот селектор. Јасно е дека силно ќе недостасува Елмас, со него ќе беше друга приказна. Дали ќе играме отворено, дали ќе се браниме во средината од теренот, или ќе играме класична одбрана па од контри ќе се обидеме нешто да сториме, тоа го оставам за Милевски. Тој најдобро си знае што треба“ потенцира некогашниот “бомбардер“.
Христов со своето семејство беше на ЕП во Букурешт,каде од лице место ја бодреше Македонија, се надева дека ќе оди и во Катар.
„Прво да кажам нешто друго. Гледам во јавноста многу се коментира во стилот дека ако можевме да ја победиме на гости Германија, можеме и Италија. Тој меч беше нешто друго. Ова е сега плеј-оф. Сега нема место за поправен, сега сите ќе го дадат својот максимум. Нема никакви сличности со тоа што беше во Дуисбург. Инаку, да, бев во Букурешт. Навистина бев горд што сум Македонец кој навива за својата репрезентација на едно големо натпреварување. Па, така нека биде и во Катар. Зошто да не? Јас верувам во оваа генерација, сите во репрезентацијата ја имаат мојата поддршка и им посакувам многу среќа, добар настап и секако победа во Палермо“ рече на крајот Ѓорѓи Христов.