КОМЕНТАР НА 26.КОЛО: Чудно…нема соопштенија, жалби, поплаки на судењето…

528

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Ден после одигрување на 26.коло во ПМФЛ нема соопштенија, нема жалби, поплаки на судењето. Па, зарем е можно? Чудно. За нас новинарите веќе години наназад, ако не и децении, поважен е денот по одигрување на колото отколку самите натпревари.

И денеска малку е чудно. Нема да се занимаваш со соопштенијата на клубовите. Убавини…

А дека навистина имаше проблеми и грешки на судиите, посебно во 25.коло, тоа е факт. Па и претходно. И јасно е дека оној што работи и греши, тие грешки за некого се фатални, посебно ако се знае дека кај нас нема ВАР.

Вака Судиската организација направи маестрален потег. Сега јавно ќе ги анализира сите нејаснотии и ќе каже дали и каде имало грешки.

Така и треба.

Христов, Акраповиќ, Стојчев…кој сега е на ред?

За само две кола два откази и една оставка кај тренерите во ПМФЛ. Јавноста со нетрпение чека што ќе се случува во еден друг наш клуб, чии фанови веќе подолго време бараат оставка од тренерот, но се чини дека уште ќе почекаме.

Навистина непријатно е да си тренер во оваа наша лига. За Христов и Акраповиќ беше очекувано, Работнички и Шкендија се преголеми клубови за да ова им се случува, но сензација беше оставката на Стојчев во Академија Пандев. По само еден пораз и едно реми тој одлучи да си замине.

Фрапантно, или пак вчера се случило нешто во Велес на мечот со Борец. Друго објаснување нема зошто Стојчев, кој досега беше маестрален, реши да поднесе оставка.

Покрај ремито во Велес, исто така изненадување беше и ремито на Автокоманда на мечот меѓу Скопје и Шкупи. Домашните се надминаа себе си, но лидерот не одигра како што знае и може. Сепак јасно е дека Шкупи не може на секој меч да биде одличен, се случува да имаш и лош ден.

Брегалница беше очајна во Прилеп. Тотално надиграна од Работнички кого го предводеше Стојан Игњатов. Очајна Бреганица беше тоа.

Фановите на овој клуб веќе подолго време се разочарани од се она што се случува во и околу клубот. Врв на се беше одлуката среде сезона да се реновира теренот и домашните мечеви да се играат надвор од Штип.

Тиквеш против Струга ТЛ одличен, а Македонија ЃП и дефинитивно покажа дека знае и тоа како да игра на резултат.

ПретходноБајката продолжува: Ериксен се враќа во Тотенхем!
СледноФутсал: Арбен Бајрами и Карадаку ќе се борат за пехарот во Купот на Македонија!