Екипата на Севиља успеа да ги освои трите бода на дуелот со Гранада во меч од 31. коло на шпанската Ла Лига. Севиља имаше серија од три ремија и еден пораз, а вечерва во луд меч со пресврти ја совлада Гранада со 4:2.
Мачис ја доведе Гранада во предност во 23. минута, а изедначи Диего Карлос во 32. минута. Лукас Окампос постигна гол во 68. минута, но изедначи Диаз во 88 минута. Се чинеше дека Севиља пак ќе остане без победа, но во 93 минута Рафа Мир погоди за ново водство на андалузискиот тим. Триумфот го потврди Папу Гомез со гол во десеттата минута од судиското продолжение.
Севиља е втора со 60 бода, девет помалку од лидерот Реал Мадрид кој има и меч помалку. Гранада е на 16. место.