Она што и се очекуваше, денеска со потврда и од страна Судската комисија при ФФМ за настаните вчера во Гостивар каде Вардар беше буквално судиски “масакриран“, драстично оштетен.
Во судиската анализа најдени се многу грешки и погрешни проценки, па затоа Влатко Илиоски неговите помошници се суспендирани до крајот на сезоната…
А еве што известуваат од Судиската комисија по повод судењето од вчерашните мечеви во ВМФЛ…
„
Судиска комисија во рамки на Фудбалската федерација на Македонија ги разгледа спорните моменти од 22. коло на 2 МФЛ – ЗАПАД и ги донесе следните заклучоци: На натпреварот ФК ГОСТИВАР – ФК ВАРДАР одигран на 09.04.2022 година, анализирани се ситуациите во 4, 8, 33, 42 и 45+2 минута.
Главенсудија:Илиоски Влатко; Помошни судии: Костоски Зоран и Смилкоски Марјан;
04. минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досудено слободен удар).
По еден изведен корнер за екипата на Вардар, играч на Вардар постигнува гол со удар со глава, главниот судија го поништува голот и неоправдано досудува прекршок врз голманот на домашната екипа.
08. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ПРВИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА (досудено офсајд позиција)
При напад на домашната екипа, играч на Гостивар постигнува гол кој оправдано е поништен поради офсајд позиција, играчот на Гостивар во момент на додавање на топката е понапред од претпоследниот играч од одбраната на Вардар.
33. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (не досудено удар од 11 метри)
Играч од одбраната на Вардар и играч од нападот на Гостивар се во дуел, одбранбениот играч на Вардар ја одбива топката пред напаѓачот на Гостивар, исправна одлука на главниот судија играта да продолжи, (нема прекршок за 11 метри).
42. минута ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досудено удар од 11 метри)
Играч на Гостивар додаде топка до соиграч кој беше во шеснаесетникот на Вардар, во моментот на примање на топката двата противнички играчи се статични и доаѓа до еден дуел каде има минимален контакт недоволен за прекршок, главниот судија неоправдано покажа удар од 11 метри за домашната екипа, по кој домашните израмнија на 1:1
45+2 минута ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ВТОРИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА И ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досудено офсајд позиција)
Вториот помошен судија занесен во играта заборава дека во шеснаесетникот на Гостивар останува претпоследниот одбранбен играч на Гостивар и напаѓач на Вардар и се рамни со вториот претпоследен играч од ФК Гостивар кој е 10-15 метри понапред од претпоследниот, при тоа се додава топка до напаѓач на ФК Вардар кој е во дозволена позиција, а помошниот судија неоправдано го подига знаменцето и рекламира офсајд и е неоправдано прифатен од страна на главниот судија. Погрешна одлука на двајцата судии во овој момент.
ПОСЛЕ НАПРАВЕНАТА АНАЛИЗА ОД ОВОЈ МЕЧ, ГЛАВНИОТ СУДИЈА И ВТОРИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА СЕ СУСПЕНДИРААТ ДО КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА И НЕМА ДА БИДАТ ДЕЛЕГИРАНИ НА НАТПРЕВАРИТЕ ОД 1. И 2. МФЛ.
На натпреварот ФК КАДИНО – ФК ВОСКА одигран на 09.04.2022, анализирани се две ситуации, во 35 и 64 минута.
Главен судија: Фуркан Идризи; Помошни судии: Јовчески Дарко и Идризи Идриз;
35. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досуден удар од 11 метра)
Играч од одбраната на ФК Кадино во вртење сакајќи да ја избие топката ја промашува и неспретно со интензитет го удира напаѓачот во сопствениот шеснаесетник (исправно досуден удар од 11 метри).
64. минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (не досуден удар од 11 метри)
Играч од нападот на Кадино беше во посед на топката, странично во шеснаесетникот на Воска. Од зад грб со интензитет и без да има шанса да игра со топката на него стартуваше одбранбен играч на Воска и со лактот го турна во пределот на грбот. Погрешна процена на судијата што дозволи играта да продолжи, во оваа ситуација мора да се досуди удар од 11 метри.
На натпреварот ФК ВЕЛЕШТА – ФК СИЛЕКС одигран на 09.04.2022, анализирана е ситуацијата во 67. минута.
Главен судија: Ѓуровски Кристијан; Помошни судии: Ивановски Бојан и Соклевска Елена;
67. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (доделен црвен картон)
При еден недозволен старт од играчот со бр.4 на екипата на Велешта оправдано му беше доделен жолт картон, истиот играч незадоволен од одлуката, неспортски реагира и го плука главниот судија, кој потоа оправдано му доделува црвен картон за неспортски однос (плукање). Исправна одлука на главниот судија. Судиската комисија ги разгледа спорните моменти од 22. коло на 2. МФЛ – исток и ги донесе следните заклучоци:
На натпреварот ФК ДЕТОНИТ – ФК КОЖУФ одигран на 09.04.2022, анализирама е ситуацијата од 90+1 минута. Главен судија: Крумислав Ѓорѓиев; Помошни судии: Зоран Саздовски и Александар Гигов;
90+1 минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА НА СУДИЈАТА (досуден удар од 11 метри).
Играч на Кожуф центрира топка во шеснаесетникот на Детонит, голманот на Детонит ја одбива топката со раце и доаѓа до играч од нападот на Кожуф, кој пред да ја шутне топката несмасно и со интензитет е соборен од одбранбениот играч на ФК Детонит. Исправна одлука на судијата што досуди удар од 11 метри без дисциплинска мерка, бидејки е странично (со лице свртен кон пом.суд.) и не е во ветувачка позиција.
Напомена: Анализата од натпреварот ФК КАМЕНИЦА САСА – ФК КИТ ГО ќе биде објавена на 11.04.2022.