„Нека биде празник на кошарката, во недела сите да славиме пласман на МЗТ во АБА лига“

409

МЗТ Скопје и Општина Аеродром од 13. до 17. април ќе бидат организатори на завршниот турнир во АБА 2-лига. За првпат во историјата еден македонски тим ќе биде домаќин на едно вакво повисоко натпреварување во регионот.

Актуелниот македонски првак на стартот ќе игра против Сутјеска, дуелот е закажан за утре со почеток во 18 часот.  Добро е познато дека приходите од продадените билети ќе одат во фондацијата Марко Божиновски.

“Големо задоволство е да бидеме домаќини на овој турнир кој е добра можност за нашиот МЗТ Скопје да се покаже како добар домаќин. Овој турнир е од хуманитарна природа, средствата од билетите ќе бидат наменети за фондацијата Марко Божиновски која се грижи за спортот во Аеродром. Очекуваме одлична спортска атмосфера и полни трибини. Благодарност за помошта на Град Скопје и АБА 2-лига која ни ја довери организацијата. На крајот на денот како човек кој израснал со МЗТ Скопје се надевам на финале во недела и пласман на нашиот клуб во АБА 1“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.

Покрај „таткото“ на Аеродром на прес-конференцијата беше спортскиот директор на АБА, Милија Војиновиќ.

„Немавме дилема МЗТ Скопје да биде домаќин на овој турнир. МЗТ Скопје е еден од нашите најредовни учесници во АБА 1 и АБА 2 лигата. МЗТ беше прв по регуларниот дел. Од утре почнува круната на сезона, ќе се знае кој ќе оди директно во АБА 1, а кој ќе игра бараж. Се одиграа 98 меча во регуларниот дел, а сега се се сведува на овие 7 меча“.

Филип Ѓоревски извршниот директор на МЗТ Скопје посака следните денови да бидат вистински празник на кошарката. Секако „сино-белите“ да се вратат во јадранската елита.

„Наредните четири дена да биде празник на кошарката па најдобриот да победи. Се надеваме дека во недела МЗТ Скопје ќе игра финале и ќе се радуваме на влез во АБА 1 лигата. Здравствениот билтен во тимот е одличен. Ја превземаме улогата на фаворит. МЗТ е клуб кој има високи цели. Одиме чекор по чекор и се надевам дека кошарката ќе оди на едно повисоко ниво“.

Билетите за еден меч се продаваат по цена од 100 денари, додека цената за блок карти за еден ден е300 денари.

ПретходноМиркуловски: Мора да внимаваме на нивните бекови, шансите се 50-50!
СледноВидеолотарија втора година е сигурен партнер на ФФМ