СПОРТМЕДИА во Злин, Марија Ковачева
Кирил Лазаров заедно со уште неколку ракометари во составот најдобро знаат како е да се игра на гостински терен кај Чешка. Предводникот на нашиот најдобар национален тим и најдобар ракометар потенцира дека мора да се издржи првиот налет на противникот. Го радува фактот дека на трибините ќе има македонски фанови, кои секогаш им даваат ветар во грб.
„Мислам дека поголем дел од овие 16 ракометари кои ќе играат денеска го имаат почувствувано теренот во Злин, знаат дека не е едноставно, дека првиот налет на Чесите е силен и тежок да се издржи. Ќе бидеме фокусирани и подготвени да одговориме на тоа. Знаеме дека Чесите се оптимисти, дека веруваат дека можат да дојдат до СП, но ние веќе ги имаме елиминирано. Мислам дека сме подготвени, дека сме сконцентрирани… ме радува формата на нашите репрезентативци во пресрет на овој бараж. Имаме прецизно доделени задачи на ракометарите и верувам дека ќе се исполнат и дека ќе одиграме добар натпревар. Многу ќе ни значи поддршката, ќе имаме наши навивачи, а на оваа наша репрезентација секогаш и е добредојдена поддршка од македонската фаланга и тоа ни е дополнителен ветер во грб“, ни изјави Кирил Лазаров пред денешната средба која е закажана со почеток во 20:15 часот.
Лазаров добро го познава шпанскиот систем на игра, знае дека Сабате ќе инсистира на брза игра, но како што вели самиот сите, од прв до последен се подготвени физички да одговорат.