Македонија во Злин: Атракции, дисциплина, мотиви до небо… штета за последните 10-15 минути!

463

Штета и повторно штета. Иако има да се играат и вторите 60 минути од реваншот од баражот за пласман на СП, сепак треба да жалиме по тие 24-24. Во право е селекторот Кирил Лазаров, некој пред мечот во Злин да ни понудеше реми и со двете раце ќе прифативме, но вака се чини дека како да имаме горчина во душата што уште во првиот меч не ги разрешивме дилемите за тоа кој ќе оди на Мундијалот.

Посебно ако се знае како тоа Македонија одигра под водство на Лазаров до таа 45 минута, како тоа Македонија беше дисциплинирана, игра полна со атракции, борбена, со мотиви до небо, исто така ако се знае како се движеше резултатот, каква предност имавме. Тие 45 минути веројатно беа едни од најдобрите кои нашите ракометари ги одиграле во последно време и тоа на на гости кај една силна, силна Чешка.

Уште еднаш штета. Сега ни останува во недела, пред полниот “Борис Трајковски“ во Скопје на Чесите да им го зададеме завршниот удар и Македонија одново да се најде на едно големо ракометно натпреварување. Да ја исполни целта, да ги израдува фановите, цела Македонија.

Сега и дефинитивно е јасно дека под водство на легендарниот Лазаров, иконата на светскиот ракомет, оваа Македонија од натпревар во натпревар расте, игра позрело, знае што сака. Сега и “младите“ Талески, Кузмановски и останатите се оние кои треба да бидат. Да не говориме за останатите, како Стоилов, Митревски, Георгиевски…

Факт е дека имаме квалитет, а тоа Кире, како што досега го покажа, ќе знае како да го искористи како селектор. А со оглед на тоа дека и тој одигра на врвно ниво во Злин, се виде колку него му значеше овој меч, колку му значи овој двомеч.

Лазаров и тоа како сака да ја однесе Македонија на Мундијалот, и веруваме дека ќе ја однесе.

Тука немаме дилеми…

Допрва оваа Македонија ќе има што да каже, секако под водство на Кире Лазаров.

ПретходноДокторите не успеаја да го спасат екс – фудбалерот на Реал Мадрид!
СледноСимеоне со порака до Гвардиола: Ние не сме така глупави…