Македонската ракометна репрезентација го обезбеди шестото учество по ред на Светските првенства, вкупно осмо во својата историја. Синоќа во СЦ „Борис Трајковски“ нашите момци ја совладаа Чешка со 27-25 во реванш бараж мечот и ставија печат на мундијалската виза.
Веќе со години, ракометарите се најуспешниот национален тим. Редовно учествуваат на големите натпреварувања, имаат шест Европски првенства по ред, вкупно седум и уште толку на светските првенства (без последното на кое треба да учествуваме).
Данскиот ракометар, Расмус Бојсен, кој е познат по своите редовни анализи на ракометните случувања извади интересна статистика на учества на европските селекции на големите натпреварувања од 2013 година па навака.
Во силна конкуренција, Македонија е седма европска сила во изминатите девет години. Податок кој во никој случај не смее да се занемари. Македонија има обезбедено 11 пласмани на големите натпреварувања, едниствено што недостига е учеството на Олимписките Игри во табелата која ја објави Бојсен.
Со 11 изборени големи натпреварувања од 2013 година, исто како Македонија е репрезентацијата на Исланд. Во овој поредок, Македонија е пред Унгарија, Полска, Словенија, Црна Гора, Србија, Португалија, Чешка…На првото место се Франција и Данска, по што следуваат Шпанија, Хрватска, Шведска и Германија.