Лазаров повреден го играше првото полувреме: Не сакаа да им ги „отворат очите“ на Чесите

1525

Македонската ракометна репрезентација во второто полувреме против Чешка на реванш дуелот во Скопје остана без помошта на Кирил Лазаров на теренот. Најдобриот ракометар на сите времиња уште во Злин, по завршување на првата средба имаше болки во левата рака, поточно под лактот.

Со една ваква дијагноза, продолжи да се подготвува за реваншот во Скопје. Примаше терапии. Неговата рака имавме можност да ја видиме по завршување на вчерашната средба. Кире одигра едно полувреме и покрај проблемите, едноставно не му даде срцето да ги остави момците.

Откако заврши прес-конференцијата во неврзан разговор ни потенцираше дека не сакал на Чешка да и даде дополнителен мотив пред реваншот. Стегна заби, одигра едно полувреме, а потоа мораше да остане на клупата. Момент кој во иднина долго време ќе го гледаме, бидејќи и тој како Стојанче Стоилов и Филип Миркуловски ќе стави крај на репрезентативната кариера.

„Не сакавме Чешка да дознае за овој момент, ќе се подготвуваа поинаку. Молчевме. Веќе во второто полувреме морав да се повлечам“, искоментира Лазаров, кој мечот го заврши со два гола. 

Повредата не е сериозна, ниту пак е за потценување. Тој набрзо ќе се врати на терените во дресот на Нант со кого има обврски до крајот на сезоната. Францускиот тим го чека четвртфинале против Магдебург во рамките на Европската лига, првиот меч се игра на 26. овој месец.

ПретходноТен Хаг со себе во Манчестер Ј. ќе донесе и двајца играчи од Ајакс
СледноМладинците на ГОК Борец се нови државни шампиони